НАДОМЕСТ ЗА ПОМОШ И НЕГА ОД ДРУГО ЛИЦЕ

За даобивање надомест за  помош  и  нега  од  друго лице  обратете се до вашиот матичен лекар, треба да ви пополни Бартелов индекс – проценка за вашата способност  сами  да ги  извршувате основните работи: да се храните, облекувате, миете, чешлате,  движите  или  ви  е  потребна  помош од  друго  лице; електронски да ви  закаже термин  преку системот  Мој термин. Потоа,  со целосната медицинска  документација  (не  постара  од  6 месеци) пополнетото  барање, Бартеловиот индекс и упатот  електронски го праќа до соодветната  комисија , а таа одлучува врз основа на медицинската документација.

Надомест за помош и нега од  друго лице има лице над 26-годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој,  лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Потреба од помош и нега од  друго лице има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги врши основните активности од секојдневниот живот.

При утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице се зема предвид и Бартеловиот индекс, кој е составен дел на мислењето издадено од матичниот лекар на подносителот на барањето.

Покрај здравствената  состојба  граѓанинот  за  да  може да го  користи  овој  паричен  надоместок мора да го исполнува и следниот услов: неговите нето годишни примања по сите основи не смеат да бидат поголеми од вкупниот   нето  збир на просечните месечни плати за претходната година.

Висината на надоместокот за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

  • Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.511 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

 

  • Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.991 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Корисникот на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот.

Лице кое со решение на Центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство,  организирано живеење со поддршка, здравствена или друга установа не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице за периодот додека трае сместувањето.

Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од три члена,  доктори специјалисти  или  субспецијалисти  од  следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.

 

Стручната комисија дава наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице врз основа на непосреден преглед на подносителот на барањето.

 

По исклучок, во случај кога од приложената медицинска документација несомнено може да се утврди потребата од помош и нега од друго лице,  стручната комисија може да даде наод, оцена и мислење врз основа на доставена медицинска документација без непосреден преглед.

Центарот е должен да го извести корисникот за потребата од повторен преглед два месеца пред истекот на рокот определен за повторна оцена за утврдување на потребата од помош и нега од друго лице.

Ако корисникот или неговиот старател неоправдано не се јави во рокот определен за повторна оцена за утврдување на потребата од помош и нега од друго лице, правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице му престанува.

Против првостепеното решение барателот има право на жалба до второстепена комисија. Министерот со решение формира комисија за изготвување на наод, оцена и мислење, за решавање по изјавена жалба против првостепено решение за правото на помош и нега од друго лице.

 

Второстепената комисија е составена од три члена, од кои:

  • доктор специјалист или доктор на медицина,претседател;
  • доктор специјалист или доктор на медицина,член и
  • доктор специјалист или доктор на медицина,член.

Второстепената  комисија  работи и одлучува во полн состав на работни седници, а по исклучок, во случај на оправдано  отсуство  на еден  член, комисијата може да одлучува во состав од  два члена.  Второстепената комисија дава наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице врз основа на медицинската документација и списите во предметот.

 

Дали  има можност повторно да аплицирате  за помош и нега од друго лице откако истекол рокот за жалба?

Можност  за повторно да поднесете  барање за туѓа нега  имате  ако  не е предвиден рок по колку време откако сте биле  одбиени  можете  повторно да аплицирате. Ова не е случај со социјалната парична помош каде што е строго определено дека доколку лицето е одбиено или на некој начин го изгубило правото на социјална парична помош,  може повторно да поднесе барање по истекот на 12 месеци.

Доставницата е многу важен документ кога се доставува одредена одлука, решение и слично. Од големо значење е да побарате од доставувачот, во делот „Датум на приемот и потпис на примателот“, да биде запишан точниот датум кога навистина сте го примиле документот. Ова е важно бидејќи од наредниот ден почнува да тече рокот за жалба. Доколку лицето не прочита дека листот што го потпишува во моментот на прием на Решението  е доставница, а притоа не го запише и датумот на приемот на решението, нема да знае од кога започнува да тече рокот за жалба. Од друга страна, пак, во доставницата често се запишува датумот кога решението пристигнало во „Социјалното“, а не датумот кога тоа му било доставено на лицето.