Освен на туморските, хемотерапијата влијае и на здравите клетки во телото, особено на оние што најбрзо се делат. Така, хемотерапијата ги напаѓа и клетките слузницата на дигестивниот тракт, коскената срцевина, половите клетки и клетките на коренот на косата и предизвикува несакани ефекти.
Општите несакани ефекти, во зависност од времето на појавување, се поделени на акутни (за време на хемотерапија и следните неколку дена) и хронични (може да траат во текот на целиот третман со хемотерапија). Можни се и доцни односно трајни последици од третманот со хемотерапија.
Акутни се: гадење, повраќање, зголемена температура, болки, алергиски реакции. Акутни несакани ефекти може да се појават додека сеуште примате хемотерапија дури и до 24 часа после тоа – обично престануваат за неколку дена.
Неколку дена до неколку недели по примената на цитостатици, може да се појават хронични несакани ефекти како резултат на оштетување на здравите клетки во телото. Тоа, пред сè, е оштетување на коскената срцевина со замор и општа слабост, склоност кон инфекции и крварење. Најчестите несакани ефекти поврзани со дигестивниот систем се: воспаление на слузницата на усната шуплина (стоматитис или мукозитис) со ранички во устата, воспаление на слузницата на хранопроводникот, желудникот и цревата, болки во стомакот, дијареја, запек.
Губењето на косата е чест несакан ефект од хемотерапијата. Овие несакани ефекти се јавуваат неколку дена или недели по приемот на првиот циклус на терапија или само на половина од третманот и престануваат по извесно време по завршувањето на третманот.
Трајните последици од хемотерапијата може да се појават за време на третманот, но и подоцна. Можен е траен ефект врз плодноста. Хемотерапија трајно го ослабува нашиот имунитет. Цитостатиците делуваат и на здравите клетки во организмот, па затоа можат да имаат канцероген ефект врз нив. Ризикот од развој на секундарен тумор зависи од видот и дозата на цитостатици, но исто така и од предиспозициите на пациентот (генетска предиспозиција, возраст и сл.). Нелимфоцитна леукемија, рак на мочниот меур и сарком на коските се најчестите секундарни тумори.
Несаканите ефекти од хемотерапијата можат да бидат непријатни, но тие секогаш мора да се гледаат од аспект на придобивките – уништување на туморските клетки. Обидете се на хемотерапијата да гледате како на третман и на цитостатиците како на лек. Некои несакани ефекти може да се предвидат и постојат ефикасни лекови кои можат да ги ублажат или одтстранат. Најчесто се користат лекови против гадење и повраќање (антиеметици), во форма на инјекции, супозитории или таблети и т.н. фактори на раст, специјални протеини кои нормално се произведуваат во организмот а денес се произведуваат во лабораторија: гранулоцитниот фактор за раст го стимулира производството на леукоцити и со тоа го намалува ризикот од инфекции, додека другиот фактор за раст – еритропоетин го стимулира производството на еритроцити, со што се ублажуваат симптомите на анемија и потребата за трансфузија на крв.
Понекогаш пациентите мислат дека хемотерапијата не е ефикасна ако немаат несакани ефекти или дека хемотерапијата е поефикасна ако имаат несакани ефекти. Ова е целосно неточно, бидејќи несаканите ефекти се разликуваат многу од личност до личност и од лек до лек и воопшто не се знак дали цитостатиците се ефикасни или не.
Менталното здравје на пациентот за време на хемотерапијата е многу важно. Стравот од болест, непријатноста предизвикана од хемотерапијата и другите приватни проблеми со кои треба да се справиме, негативно влијаат на нашата психа. Постојаната вознемиреност или депресија го прават нашето тело уште послабо, па затоа несаканите ефекти се поизразени. Затоа е важно да разговарате за сè со некој од семејството, пријателите или да побарате психолошка помош. Од друга страна, треба да му кажете на вашиот онколог за несаканите ефекти што ги имате, за да можат да се олеснат.
Нарушување на функцијата на полните жлезди
Чест несакан ефект од хемотерапија кај помладите жени е промената во менструалниот циклус. Можна е предвремена менопауза и неплодност. Одредени видови на хемотерапија го предизвикуваат ова во поголема мера, а некои во помала мера. Колку е постара жената што прима хемотерапија, толку е поголема веројатноста да доживее менопауза и неплодност. Овие феномени исто така можат да доведат до брзо пропаѓање на коските – остеопороза. Со цел да се спречи или излечи остеопорозата, може да се земаат лекови.
Ако сепак сакате деца и треба да добиете хемотерапија поради болеста, разговарајте со вашиот онколог за тоа. Иако функцијата на јајниците кај помлади жени по завршувањето на терапијата се обновува, постои можност за трајно оштетување, но само кај некои цитостатици. Ваквите непожелни, трајни последици може да се спречат со одредени хормонски терапии.
Вие не би требало да забремените за време на хемотерапијата. Во првото тромесечие од бременоста, хемотерапијата може да му наштети на фетусот. Затоа е важно жените кои сè уште не поминале во менопауза и се сексуално активни, да користат методи за контрола на зачнувањето (кондом или дијафрагма). По завршувањето на терапијата, нема контраиндикации за бременост, но додека се прима хемотерапија, бременоста е многу ризична.
Оштетување на коскената срцевина
Во коскената срцевина се наоѓаат матични клетки на сите главни крвни клетки (леукоцити, еритроцити и тромбоцити). Клетките на коскената срцевина брзо се делат и затоа се многу соодветни за дејството на цитостатиците. За жал, скоро секој хемотерапевтски лек предизвикува потиснување на коскената срцевина, што резултира со ниски вредности на клеточните елементи во крвта, т.е. леукопенија, тромбоцитопенија, анемија и гранулоцитопенија. Крвната слика треба да се проверува еднаш неделно, со цел да се преземат одредени мерки на време, доколку дојде до поизразено намалување на бројот на клетки во крвта. Крвната слика најмногу ослабува помеѓу втората и третата недела по хемотерапијата, а потоа брзо се опоравува. Тоа е поизразено само кај некои луѓе и почесто кај пациентките кои примиле голем број третмани со хемотерапија. Понатамошна хемотерапија не треба да се дава сè додека не се опорави крвната слика.
Анемија: Производството на еритроцити во коскената срцевина се намалува со последователно намалување во крвта. Еритроцитите го пренесуваат кислородот, па затоа нивниот недостаток се манифестира како замор, слабост, отежнато дишење (краток здив), главоболка и слично. Во случај на сериозен недостаток, потребна е трансфузија, но тоа се случува многу ретко. Ако од претходно немало недостаток на железо, додатоците на железо нема да помогнат и нема потреба да се земаат.
Леукоцитопенија: Ја зголемува чувствителноста на организмот кон инфекции како резултат на намален број на леукоцити во крвта – белите крвни клетки на имунолошкиот систем. Најчести извори на инфекција се луѓето со настинка со кои пациентот доаѓа во контакт и бактериите кои нормално се наоѓаат на телото, а кои ослабениот организам не може да ги надмине како обично. Во случај на изразен пад, може да се дадат лекови кои го стимулираат формирањето на леукоцити во коскената срцевина.
Неутропенија или гранулоцитопенија е намалување на бројот на неутрофили (гранулоцити). Неутрофилите се главната одбрана на организмот од бактериски и габични инфекции. Ако е изразено, тоа значително го зголемува ризикот и сериозноста од бактериски и габични инфекции.
Како да си помогнете?
Почесто и добро мијте ги рацете. Капете се или туширајте се секој ден и бришете се со нежни крпи. Негувајте ја усната шуплина. Не сечете ја кожичката околу ноктите. Носете заштитни ракавици за време на чистење и работа во градината итн. Пазете се од повреди. Избегнувајте заразени лица, преполни места, особено затворени простори, контакт со животни и нивните живеалишта и застоена вода. Не јадете сурово месо, риба, морска храна или јајца. Грижете се за урамнотежена исхрана, јадете многу свеж зеленчук и овошје. Консумирајте бобинки како аронија и боровинки. Не се вакцинирајте без да се консултирате со лекар. Контактирајте го вашиот лекар во случај на кој било од следниве симптоми: температура над 38 ° C, треперење, потење, често и отежнато мокрење или печење при мокрење, силна кашлица или воспалено грло, вагинален исцедок, оток, црвенило и напнатост околу раната или каде било на телото, болка или притисок во областа на синусот или увото, главоболка.
Проблеми со згрутчување на крвта – тромбоцитопенија
Исто така, доаѓа и до намалување на производството на тромбоцити во коскената срцевина а со тоа и до намлување на нивниот број во крвта. Последица од тоа е склоност кон крварење. Тие многу ретко паѓаат на многу ниски вредности кога е потребна трансфузија. Треба да се јавите кај вашиот лекар ако забележите некои од следниве знаци: модринки, црвени дамки на кожата, розова или црвена урина, црна или крвава столица, крварење од непцата или носот, крварење од вагината или продолжена и тешка менструација, главоболка или заматен вид и чувство на топлина или жештина во раката или ногата.
Како да си помогнете?
Не земајте лекови што содржат ацетилсалицилна киселина (Андол, Аспирин, итн.) и алкохолни пијалоци, користете меки четки за заби, не го дувајте носот премногу енергично и пазете се од повреди. Сокот од аронија природно ги подига тромбоцити.
Токсичен ефект врз внатрешните органи
Токсичниот ефект врз органите е специфичен несакан ефект и зависи од видот на цитостатикот, така на пр. оштетувањето на срцето е поврзано со антрациклините, црн дроб со lomustin , L-asparaginaza, белите дробови со bleomicin, busulfan, уринарните органи со cisplatin, ifosfamid и слухот со cisplatin.
Срцевите нарушувања може да варираат од минливи промени на ЕКГ до срцева слабост. Овој проблем е поизразен кај пациенти со срцеви заболувања. За време на третманот, треба да се следи срцевата функција. Кај некои пациенти, оштетувањето на срцето се развива бавно, симптомите не се видливи воопшто или почнуваат да се појавуваат неколку месеци или години по третманот.
Степенот на оштетување на бубрезите може да варира од зголемување на креатининот до неповратни оштетувања за што е потребна дијализа. Некои типови цитостатици можат да бидат токсични не само за бубрезите, туку и за мочниот меур, па затоа, доколку се примени, потребно е да се собира урина 24 часа пред секоја хемотерапија и да се прават тестови на урина и крв за да се контролира работата на бубрезите.
Како да си помогнете?
По добивањето на обоени лекови и урината ќе биде обоена додека лекот се излачува од телото, што е нормално. Секогаш, а особено по хемотерапијата, треба да пиете што е можно повеќе течност. Лекарот треба да го известите ако чувствувате болка или печење при мокрење, често мокрите или имате видлива крв во урината. Самиот пациент може да ја намали физичката активност, да се храни здраво и, ако е можно, да вежба лесно. Свежото овошје и зеленчук имаат одреден ефект на детоксикацијата што може да ги намали несаканите ефекти од хемотерапијата, затоа е важна свежата исхрана и воглавно нема храна што не треба да ја јадете. Цвеклото, морковот и бобинките како аронија и брусница дефинитивно треба да се најдат на менито, иако некои тврдат дека цитрусот го намалува ефектот на терапијата,но ова со сигурност не може да се потврди или негира. Постојат лекови со кои не се препорачува да се јадат/пијат грејпфрут и кантарион. Но, бидете внимателни со препаратите за детоксикација (екстракти, таблети, итн.) за да не го намалите ефектот на терапијата врз туморот. Дефинитивно треба внимателно да го прочитате упатството за лекот и да го прашате вашиот лекар и/или медицинска сестра за евентуалните ограничувања во исхраната.
Гадење и повраќање
Тие се најчестите несакани ефекти на хемотерапијата. Се јавуваат поради стимулација на рецепторите за повраќање во централниот, нервениот и дигестивниот систем. Симптомите обично траат кратко и можат да се појават веднаш по, па дури и при примање на хемотерапија, па дури и 24 часа после тоа. Иако повеќето цитостатици предизвикуваат гадење и повраќање, ова својство не е подеднакво изразено кај сите. Еметогениот ефект, односно склоноста да се предизвика гадење и повраќање, е најизразен кај цисплатинот, а нешто помалку кај циклофосфамидот и карбоплатинот. Покрај видот на лекот, голема улога игра и самиот пациент, така што жените, младите и луѓето кои се повеќе склони кон болеста на патување, како и оние кои потешко ја поднесувале претходната хемотерапија, имаат поголема предиспозиција за овој несакан ефект.
Денес, постојат многу лекови со кои можат да се отстранат или значително да се намали, па ако го почувствувате овој несакан ефект, кажете му на вашиот лекар за тоа. Од терапијата со лекови, достапни ни се неколку групи на лекови. Нивното дејство се заснова на инхибиција на рефлексот на повраќање со дејство на разни невротрансмитерни патишта на пренесување на стимулативните дразби. За повраќање, поефикасно е да се земе супозиторија (чепче) наместо таблета, а за потешки проблеми може да се даде и како инјекција.
Како да си помогнете?
- Пијте многу течности, честопати, во мали голтки. Пијте барем еден час пред или после оброк, а не со оброк. Пијте билни чаеви, зелен чај, црвен чај итн., ладни и незасладени овошни сокови, а не газирани.
- Јадете и пијте полека. Јадете повеќе помали оброци.
- Избегнувајте топла храна поради појакиот мирис и вкус, слатка, мрсна, пржена и повеќе зачинета храна.
- Добро џвакајте ја храната за да го олесните варењето на храната. Пред хемотерапијата земете лесен оброк, и ако гадењето ви се јавува за време на хемотерапијата, избегнувајте храна еден час пред терапијата.
- Одмарајте се после оброкот, но не легнувајте најмалку два часа по оброкот.
- Ако утринската мачнина е најизразена, јадете сува храна пред да станете, на пр. житарици, тост итн.
- Земете тврда бонбона или пеперминт (ако немате проблеми со слузницата во усната шуплина).
- Не носете облека што го стега стомакот. Кога ви се гади, дишете длабоко и полека.
- Избегнувајте непријатни мириси, не се задржувајте во кујната каде што се подготвува храна.
- Окупирајте го вниманието гледајќи телевизија, зборувајќи, слушајќи музика и сл.
Губење на косата
Косата обично паѓа за неколку недели по започнувањето на хемотерапијата, пред да падне може да почувствувате непријатност во коренот на косата. Најчесто пообемно паѓа по миењето. Всушност, може да ви паднат влакната по целото тело, дури и веѓите и трепките. По завршувањето на хемотерапијата, косата расте повторно, понекогаш со различна боја или квалитет.
Како да си помаганете?
Пред опаѓање на косата, односно најдобро пред првата хемотерапија, направете кратка фризура, за нега користете благи шампони, нежни четки и не ја сушете косата со топол воздух, бидејќи тоа го одложува времето на опаѓање на косата. Можете да користите перика, капа, шешир, марама или шал. Во почетокот ќе ви биде непријатно себе да се видите без коса, но со текот на времето ќе се навикнете на привремениот изглед. Периката се мие во млака вода со специјални шампони и балсами, кои можете да ги набавите во истата продавница со периката или благи детски шампони. После миење, добро исплакнете ја во ладна вода, исушете ја со крпа и оставете ја на воздух да се исуши целосно. Немојте да ја сушите на радијатори или со фен, ниту да ја четкате мокра, ниту да ја четкате со обична четка, туку само со антиелектростатска четка.
Дијареа и запек
Третманите и лековите во лекувањето на ракот можат да влијаат на фактот почесто да имате помека столица – дијареја. Ако дијарејата не е под контрола, тоа може да влијае на губење на тежината, недостаток на течност, слаб апетит и чувство на слабост. Ако трае подолго од 24 часа или имате абдоминална болка и грчеви, треба да контактирате со вашиот лекар. Во потешки случаи, се даваат лекови против дијареја и/или инфузија.
Од друга страна, лековите против болки, промената на навиките во исхраната и намалената физичка активност влијаат на фактот дека може поретко да имате столици – запек. Запекот се третира со лаксативи, на пазарот има многу лаксативи без рецепт кои се користат ако сте имале запек повеќе од три дена и пред употреба контактирајте го вашиот лекар за совет.
Како да си помагнете?
Ако имате дијареја избегнувајте топла или ладна храна, слатко, мрсно, силни зачини и млеко, како и свежо овошје и зеленчук, но дозволени се овошни сокови. Треба да пиете што е можно повеќе чај, да јадете повеќе помали и полесни оброци што не содржат многу растителни влакна (пр. ориз, бел леб, свежо посно сирење, јогурт, варен компир, пире од компири, варено бело месо или риба) и банани за да го надополните калиумот. За надополнување на калиумот се препорачува супа од зеленчук. Поради содржината на танини, пектин и лигнин, брашното од рогач делува во борбата и ублажувањето на гадењето и дијарејата. Танините од рогач имаат адстрингентно дејство на цревната лигавица, ги врзуваат токсините и бактериите и ги деактивираат коли бактериите, со што се намалува отокот и воспалението на слузницата. Снегулките од индискиот тегавец (Psyllium, Fybro-Gel) исто така се природно средство против дијареја.
Доколку имате запек, треба да јадете храна богата со растителни влакна, како што се сирови житарки, пуканки, грав и други мешунки, свежо овошје и зеленчук. Треба да се движите и да вежбате лесно, да пиете многу течности и да консумирате топли течности. Обидете се да јадете во исто време секој ден и да имате столица во исто време.
После терапијата секогаш јадете јапонско јаболко, кое е познато по балансирање на варењето, а лесно е достапно во продавниците за храна во зимските и есенските месеци. Добрите бактерии, особено пробиотиците и пребиотиците можат да помогнат во обновувањето на цревната флора.
Алергиска реакција
Цитостатиците можат да предизвикаат алергиска реакција, која обично се јавува во рок од еден час по започнувањето на третманот. За да се избегне ова, на хемотерапијата и претходи премедикација и пациентот додека ја прима ризичната терапија (paklitaksel, bloemicin, cisplatin) е под надзор на медицинска сестра и специјалист по онкологија.
Проблеми со непцата и усната шуплина – стоматитис, мукозитис и сува уста
Мукозитис е воспаление на мукозните мембрани во устата. Се манифестира со симптоми како што се црвенило, печење и чиреви низ целата уста. Стоматитисот е воспаление на ткивата во устата (јазик, горниот дел и дното на усната шуплина). Оваа дефиниција вклучува и воспаление на мембраните, но не само што останува во нив, туку продира подлабоко во ткивото. Првите промени може да се очекуваат 2 – 4 недели по приемот на првата доза на хемотерапија. Исто така, може да се појави воспаление на мукозните мембрани на усната шуплина и фаринксот, кои се болни и ранливи, може да крварат или да бидат суви и чувствителни. Почест е кај пациентите кои не јадат после хемотерапија поради гадење. Оштетените мукозни мембрани можат да се заразат со бактерии кои инаку се присутни во устата или со габички.
Како да си помогнете?
Важно е да се обрне посебно внимание на хигиената на усната шуплина. Можете да ја исплакнете устата со раствор од сода бикарбона (една лажичка на литар вода), или чај од жалфија. Најдобро е да користите производи за нега на бебешки заби (паста за заби и миење на устата). Лекарот по семејна медицина (матичниот лекар) може да ви препише концентриран гел кој ја ублажува иритацијата на мукозата. Избегнувајте топла или зачинета храна, кисела храна или сокови и груба и тврда храна. Кога устата или хранопроводникот се многу чувствителни, јадете задушена храна или пијте мешана храна преку цевче. Важно е да се обрне внимание на температурата на храната и пијалоците, за да не биде ниту топла, ниту ладна. Ако устата ви е сува, пијте што повеќе течност, често, по малку или земете тврди бонбони, без шеќер.
Ефект врз кожата и ноктите
Можни се црвенило, чешање, сувост и зголемена чувствителност на сонцето. Ноктите можат да станат потемни, жолтеникави или кршливи. Вената преку која се дава хемотерапија може да стане темна или тврда по текот, како резултат на дејството на цитостатиците. За да се заштитат садовите од токсични ефекти, следува хемотерапија со испирање на садот со солен раствор. Ако цитостатикот истекува од вена, тоа може да го оштети околното ткиво, затоа треба веднаш да му кажете на вашиот лекар или медицинска сестра ако чувствувате топлина или болка во раката додека го земате лекот.
Како да си помогнете?
За кожата треба повеќе да се грижите (мачкајте ја со хидратантно млеко или лосион или со бадемово масло), избегнувајте сонце, користете креми со заштитен фактор, долги ракави итн. Ноктите исто така треба да ги негувате, да се исечат кратки за да не пукаат, употребата на крема со витамин Б исто така може да помогне.
За заштита на вените од цитостатиците препорачливо е да употребувате крема за јакнење на вените како што е Liton gel.
Проблеми со нервите и мускулите на нервниот систем
Некои цитостатици предизвикуваат мускулна слабост и болка, а некои периферна невропатија – трнење во прстите на рацете и нозете, отежнато одење, губење на рамнотежа, тешкотии при фаќање предмети, губење на слухот, болки во стомакот и запек. Ваквите тешкотии можат да траат со месеци, но исчезнуваат со текот на времето и се предизвикани од prokarbazin, vinka alkaloidi, doceаtaxel и други.
Како да си помогнете?
Витаминот Б, во форма на таблети, може да помогне при трнење на прстите. Овие апчиња можат да предизвикаат зголемување на телесната тежина, затоа консултирајте се со вашиот лекар пред да ги купите.
Слабост и малаксаност
Не сите луѓе се чувствуваат слаби на ист начин и не се сите кај сите подеднакво изразени. Често се опишува како чувство на исцрпеност и недостаток на енергија. Може да се појави одеднаш и да трае различно долго. Овој несакан ефект станува поизразен при подолгото примање на терапијата. Често не може да се елиминира дури ни со долготраен одмор.
Како да си помогнете?
Треба да го испланирате времето за одмор, да ја чувате енергијата за најважните работи, да се одморите неколку пати, да практикувате кратки прошетки или лесни вежби, да јадете разновидна и здрава храна во неколку помали оброци, да пиете многу течности. Додатоците од витамини и минерали исто така можат да ви користат.
Детоксикација
По завршувањето на третманот со хемотерапија, може да се изврши детоксикација за да му помогнете на вашето тело да се ослободи од токсините. Побарајте совет од вашиот онколог пред да започнете со детоксикација. Одличен производ за детоксикација е зелената вентилирана глина, прав што се пие растворен во вода. Чајот од корен од глуварче е идеален за чистење на црниот дроб. Покрај детоксикацијата, не заборавајте на здравата исхрана, по можност од биолошко потекло, заради витамините. Пијте најмалку два до два и пол литри течност секој ден.
ИЗВОРИ:
- Клиничка онкологија, Е. Врдоjак, М. Шамија, З. Кусиќ, М. Петковиќ, Д. Гугиќ, З. Краина, Медицинска naklada, Загреб
- Едукативна брошура – Болна жена, Здружение „Сè за неа“
- Едукативна брошура – Исхрана и вежбање за време на третманот, Здружение „Сè за неа“
https://rak-dojke.blogspot.com/2016/03/kemoterapija-iii-dio.html