ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ЕДНОКРАТНА ПАРИЧНА ПОМОШ

Еднократна парична помош  или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството.

Под помош во натура, во смисла на Законот за социјална заштита, се подразбира обезбедување на облека, исхрана и други средства за кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.

По исклучок во несреќни случаи, акутна болест која бара болничко лекување и слично, може да го користат и државјани на Република Северна Македонија кои немаат постојано живеалиште, како и странци со привремен престој и регулиран влез во Република Северна Македонија, согласно со закон.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 30.000 денари и тоа:

  • За задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, а која може да остави трајни последици, заради претрпена природна непогода (земјотрес, поплава, пожар) епидемија и смрт на член на семејството,
  • Лице кое има потреба од оперативен зафат или подолго лекување во здравствена установа во странство и
  • Станбено необезбедено лице корисник на гарантирана минимална помош и тоа лице неспособно за работа, како помош во обезбедување на нужно сместување.

Еднократната парична помош се остварува во Центарот за социјална работа.

Лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, односно по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст, има право на интервентна еднократна парична помош во висина до 180.000 денари, заради вклучување во социјалната средина.

Во барањето за остварување на еднократна парична помош, подносителот наведува за која цел му е потребна помошта и во рок од 15 дена од кога средствата се искористени, а најдоцна до 3 месеци од добивање на помошта, до центарот за социјална работа доставува доказ дека средствата се искористени за целта наведена во барањето, освен за еднократна парична помош во висина од 4.500 денари.

Барањето за еднократна помош се поднесува до Центарот за социјална работа во општината каде што живее барателот.

Во барањето се внесуваат личните податоци на барателот, податоци за децата, како и број на трансакциска сметка на која барателот сака да му бидат префрлени одобрените средства.

Покрај барањето треба да се достави:

  • извод од книгата на умрените,
  • копија од лична карта на починатиот и
  • фискални сметки од трошоците.

 

Сите пропратни документи ќе послужат за Центарот за социјална работа да ја одреди висината на еднократната парична помош.

За остварување на правото на еднократна парична помош Центарот одлучува со Решение кое го доставува до барателот.