Пад на крвната слика: многу цитостатици ги убиваат сите клетки кои забрзано се делат. Клетките на ракот како и клетките на здравата крв имаат способност непрекинато да се делат. Цитостатиците ги уништуваат и болните и здравите клетки. Падот на крвната слика се случува неколку дена по отпочнување со терапијата, прво се јавува пад на леукоцитите, потоа тромбоцитите и на крај електроцитите. Тоа доведува до слабеење на имунитетот, неотпорност на инфекции, склоност кон крварење, анемија.
Периодот кога пациентите примаат хемотерапија, не е време за драстични промени во исхраната на болните лица. Важно е да јадат и да одржуваат соодветна телесна тежина. Кога ќе поминат несаканите ефекти од лекувањето, заболената личност и во исхраната ќе се врати на вообичаената патека, односно, ако е потребно, постапно ќе воведува промени за да исхраната стане урамнотежена и прилагодена кон здравствената состојба на пациентот.
Врелата храна испарува па кај пациентите чувствителни на мириси во текот на примањето на хемотерапијата може да делува одбивно, затоа е подобро да се јаде кога малку ќе олади.
Хемотерапијата често ја оштетува слузницата во устата и предизвикува сувост, затоа треба да се избегнува многу тврда храна за да не се создадат дополнителни компликации. Заради можните промени во вкусот и мирисот некоја храна на болниот не му одговара, можеби затоа во тие моменти храната им е одбивна.
Кога има гадење, повраќање, пролив, се препорачуваат чести мали оброци, лесна варена храна, течности и електролити. Важно е да се контролира телесната тежина. Ако забележите дека болниот слабее, значи дека храната не му е доволна и треба консултации со лекар или нутриционист.
Заради огромниот број информации околу исхраната, особено суплементи, болните често се бомбардирани со совети што се` мораат/требаат да земаат за да се излечат.
Ако не наидат на стручен советник за исхрана, денот ќе им помине во јадење и пиење на се` и сешто, што може да ги премине границите на потребно.
Ако пациентот нема специфични проблеми со органите за варење, интолеранција на храна, дијабетес или некоја друга болест која бара посебен режим на исхрана, придржувајте се на советите кои се препорачуваат за општата популација како здрав начин на живот и исхрана.
Заболениот мора да биде осигуран со доволен внес на течности и електролити за да се спречи дехидрација.
Знаци за дехидрација се замор, акутно губење на телесната тежина, сувост на устата, темна урина со јак мирис и мал волумен на урината.
Значи, правилната урамнотежена исхрана, внесот на течности и одржувањето на адекватна телесна тежина се од исклучителна важност во текот на лекувањето на малигните болести. Исхраната прилагодете ја на моменталната состојба и нуспојавите (несаканите ефекти) со која ќе ги задоволите енергетските и нутритивни потреби на заболениот со цел што подобро поднесување и исход на лекувањето. Меѓутоа, НЕ ОЧЕКУВАЈТЕ ДЕКА СО ИСХРАНАТА ЌЕ ЈА ИЗЛЕЧИТЕ БОЛЕСТА.
Одржувајте ја телесната тежина. Заболените од малигни болести понекогаш, во текот на лекувањето, можат да ја наголемат телесната тежина. Затоа се препорачуваваат оброци со ниска масленост и многу зеленчук.
Зголемете го апетитот. Многу луѓе кои примаат хемотерапија имаат проблем со апетитот. Бидејќи јаглените хидрати добро се варат, се препорачуваат грицки со житарки, тост со путер од кикирики или други јаткасти плодови или хумус намаз. Добро се поднесува и јогуртот/кефирот и хранливите шејкови.
Одберете немасни намирници и помалку мрсни начини на подготовка (помалку од 40 гр. маснотии дневно), богати јаглени хидрати (главно комплекси јаглени хидрати (скроб) од житарки, овошје и зеленчук, со мали количини квалитетни протеини: бело месо, риба, јајца, значи лесно сварливи намирници. Имајте мали, чести оброци, лесно сварливи, на пример риба, пилешко, ориз, печени компири, банани, сос од јаболки. Ако брзо слабеете, додадете некој енергетски шејк (користете блендер: ставете бадеми, сусам, банана, малку протеин од сурутка и вода) или некоја замена за оброк во шише (која можете да ја купите во аптеките). Избегнувајте ја лактозата заради превенција од подуеност.
Мачнина: повеќето цитостатици предизвикуваат силно чувство на мачнина, гадење и нагон за повраќање. Овие ефекти траат 24 часа од примање на терапијата, иако некогаш можат да траат и подолго. Сега постојат лекарство кои можат овие несакани ефекти да ги сведат на најмала можна мерка.
Прва помош при мачнина
Јадете храна која не му прави тежина на вашиот желудник како тост или јогурт со ванила. Се препорачува секој оброк да го збогатите со сок од лимон.
Наместо три обилни оброци дневно изедете пет или шест помали порции.
Потрудете се да не ги прескокнувате оброците и ужината. Празниот желудник само ќе го влоши чувството на мачнина.
Јадете ја храната која ја сакате и ви одговара. Немојте да се терате да земате храна од која ви е мачно. Ако одредени видови месо потешко ги поднесувате, обидете се со други извори на протеини како што се јајца, млечни производи со ниска масленост, грав и риба.
Мачнината можете да ја запрете или да ја ублажите ако употребувате ладна храна наместо топла, свеж ѓумбир и чај од нане или ѓумбир . Исто така најдобро е да избегнувате мрсна или пржена храна и храна со јаки мириси.
Оброците нека не бидат обилни. Помалите и почести оброци подобро се толерираат во текот на хемотерапијата отколку обилните оброци.
Една од најпознатите намирници кои ја одстрануваат мачнината е тост кој можете да го грицкате додека не ви биде подобро.
За време оброкот пијте мали количини течност за да одбегнете подуеност.
Ако ви е тешко да пиете обична вода, обидете се да користите ароматизирана минерална вода или додадете исецкан лимон во водата од чешма.
Спречете го запекот. Додека некои луѓе имаат проблем со дијареја (пролив) во текот на хемотерапијата, други имаат со опстипација (запек). Внесувањето на течности е битно за да се спречи опстипацијата. Вклучете ги сите видови влакна во исхраната кои исто така можат да ви помогнат. Ако не сте навикнале на големи количини влакна, зголемете го нивниот внес постепено.
При запек можете да си помогнете со јаболки и суви сливи:
• 1/3 шоља овесни трици
• 1/3 шоља сос од јаболки
• 1/3 шоља суви сливи
Добро измешајте ги сите состојки и ставете ги во фрижидер. Пред спиење земете до 2 лажички од смесата и испијте една чаша вода. Многу е битно да ја испиете водата инаку рецептот нема да ги има посакуваните ефекти.
Запрете ја дијарејата. Ако имате ретка столица, избегнувајте мрсна и пржена храна, кофеин, слатки пијалоци и овошни сокови, зелени салата, сирови производи.
Водете дневник на исхрана. Запишувајте што јадете и пиете во текот на денот и забележувајте ги сите симптоми кои секојдневно ги доживувате. Тоа ќе ви помогне заедно со својот лекар да идентификувате што може да биде причина за мачнината, запекот или проливот.
Физичката активност, дури и само 20 минути, може да биде моќен стимуланс за цревната перисталтика.
Третирајте ги раничките во устата. Некои видови хемотерапија може да предизвикаат ранички во устата – орален мукозитис. За побрзо зацелување, избегнувајте зачинета храна, алкохол и врела храна. Одржувајте ја влажноста на усната празнина со употреба на доволна количина течности во текот на денот. Испирањето на устата со солена вода после оброкот исто така може да ви помогне.
Одржувајте го организмот хидриран. Дијарејата и повраќањето во комбинација со нискиот внес течности може да предизвика дехидрирање. Значи, дехидрирањето вклучува сува или леплива уста, намалена количина на урина (урината има темно жолта боја кога се концентрира), неможност на лачење слуз.
Избегнувајте алкохол. Во текот на хемотерапијата заштитете го црниот дроб бидејќи тој му помага на организмот да ги прочисти сите потенцијални токсини од крвотокот. Алкохолот може да предизвика непотребен стрес за црниот дроб и да му попречи да ја обработи хемотерапијата. Алкохолот исто така може да ја влоши мачнината или другите гастроинтестинални несакани дејства од хемотерапијата или може да стапи во интеракција со лековите од хемотерапијата и да го промени нивното дејство.
Ограничете го внесот на зелениот чај. Ограничете ја употребата на зелениот чај, белиот и црниот чај на една или две шољи дневно. Тие се богати со фитохемикалии и можат да го попречат саканиот ефект од хемотерапијата.
Советувајте се со својот лекар за употребата на намирници од соја, бидејќи имаат состојки кои можат неповолно да влијаат кај одредени видови тумори.
Внимателно со суплементите. Советувајте се со својот лекар пред воведување на некој суплемент, бидејќи тие исто така можат да влијаат на дејството на хемотерапијата.
Употребата на кордицепсот може поволно да влијае кај лицата на хемотерапија и радиотерапија. Тој е ефикасно средство со кое имунолошкиот систем и целото тело можат да се одржат јаки и витални иако се истовремено изложени на ефектите од хемотерапијата и зрачењето. Кордицепсот ги ублажува тешкотиите кои се јавуваат како последица на несаканите ефекти кои се применуваат во хемотерапијата. Ја намалува мачнината, болките и губењето на тежината. Го јакне имунолошкиот систем т.е. го спречува пропаѓањето на белите крвни зрнца (леукоцити), кои се најчувствителни на штетните дејства на антитуморската терапија. Помага да се одржи нормалниот број црвени крвни зрнца (еритроцити) и крвните плочки (тромбоцити). Кордицепсот ги штити и клетките на бубрезите и црниот дроб од токсичните ефекти на хемотерапијата, преку кои овие лекови се метаболизираат. Во некои студии дури е докажано дека кордицепсот има својство да ја зајакне активноста на антитуморската терапија.