Комисија за оцена на работната способност- формирана во рамките на Фондот на ПИОМ. дава наод, оцена и мислење за постоење на инвалидност, причината и денот на настапувањето на инвалидноста, постоење на телесно оштетување и постоење на неспособност за работа.
Телесното оштетување настапува доколку дојде до губење на одделни органи или делови од телото, до нивно значајно оштетување или до позначителен степен на нивно нефункционирање, при што на лицето му е потребен поголем напор за да ги остварува своите секојдневни потреби.
Осигуреникот за кого е утврдено дека има телесно оштетување, а кое настанало за време на траењето на осигурувањето, се стекнува со право на паричен надоместок за телесно оштетување под истите услови во поглед на пензискиот стаж под кои се стекнува со правото на инвалидска пензија. Остварувањето на ова право е независно од фактот дали осигуреникот е во постапка на остварување или веќе остварува некое друго право од пензиско и инвалидско осигурување.
Висината на паричниот надоместок за телесно оштетување се определува според процент од просечната плата остварена во нестопанството во РМ во претходната година, при што доколку телесното оштетување било предизвикано поради повреда на работа или со професионална болест, процентот изнесува 9%, а доколку било предизвикано со болест или повреда надвор од работа, тогаш процентот е 7%. Ако постојат две или повеќе телесни оштетувања, вкупниот процент се определува на тој начин што на поголемиот процент се додава, и тоа: пo 20% за секое понатамошно телесно оштетување од 50% или повеќе и пo 10% за секое понатамошно телесно оштетување од 40% и 30%. Вкупниот процент на телесно оштетување не може да изнесува повеќе од 100%. На корисникот на паричен надоместок за телесно оштетување во случај на влошување на постојното телесно оштетување или нов случај на телесно оштетување, му се определува паричен надоместок според новиот, односно вкупниот процент на телесното оштетување.
Постапката за остварување на правото на паричен надоместок заради телесно оштетување се поведува по барање на осигуреникот кај кој настапило извесно телесно оштетување. Барањето се поднесува писмено на образец П-1 до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен.
Кон барањето осигуреникот приложува и:
- извод од матичната книга на родените со впишан единствен матичен број – Фондот го обезбедува по службена должност;
- лична карта на увид;
- медицинска документација и
- пријава за повреда на работа (ако осигуреникот е повреден на работа).
Сепак, горното не важи доколку осигуреникот за ист случај на телесно оштетување стекне право на паричен надоместок според прописите што важат за воените инвалиди, како и доколку како последица на болест или повреда надвор од работа кај осигуреникот настапило телесно оштетување од 30 до 40%, но истото се случило пред да стапи во работен однос. Истото важи и за подоцнежното влошување на тоа телесно оштетување што настапило под околностите наведени погоре. По исклучок на претходното, доколку пред да стапи во работен однос кај осигуреникот постоело телесно оштетување на еден од парните органи, а подоцна настапи оштетување на другиот истоветен орган, осигуреникот стекнува право на паричен надоместок за телесно оштетување на двата органи.
Според Правилникот за листата за видовите на телесните оштетувања врз основа на кои се стекнува со правото на паричен надоместок и процентите на тие оштетувања (http://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/2019pravilnici/Pravilnik_lista_telesni_ostetuvanja.pdf) , за урогениталните органи е како што следи:
Глава X. УРОГЕНИТАЛНИ ОРГАНИ
Б. Генитални органи
- Губиток на обата јајника:
а) Кај жените над 45-годишна возраст – 30%
б) Кај жените под 45-годишна возраст – 50%
Под губиток на обата јајника се смета отстранувањето на обата јајника по хируршки пат или потполно уништување на нивната функција со зрачење.
- Губиток на обата јајника и матката:
а) Кај жените над 45-годишна возраст – 40%
б) Кај жените под 45-годишна возраст – 60%
Под губиток на обата јајника и матката се смета нивното отстранувањето по хируршки пат или потполно уништување на нивната функција со зрачење.
- Ампутација на дојка, процентот што го добивате за изгубен орган е како што следи:
а) ампутација на дојка, еднострано – 40%;
б) ампутација на дојка, обострано – 50%;
в) ампутација на дојка, еднострано радикално – 50%;
г) ампутација на дојка, обострано радикално – 60%
- ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПРОЦЕНТОТ, АКО ПОСТОЈАТ ДВЕ ИЛИ
ПОВЕЌЕ ТЕЛЕСНИ ОШТЕТУВАЊА
- Доколку постојат две или повеќе телесни оштетувања предвидени во овој правилник, вкупниот процент на телесните оштетувања се определува со зголемување на најголемиот процент на поединечното телесно оштетување, и тоа:
а) по 20% за секое натамошно телесно оштетување кое изнесува 50 или повеќе проценти;
б) по 10% за секое натамошно телесно оштетување кое изнесува 40 или 30 проценти.
- Процентот на телесните оштетувања на парните органи од главите I до X од овој правилник, може да се зголеми за 10%, ако за одделни оштетувања на тие органи со овој правилник не е предвиден посебен процент.
3. Вкупниот процент на телесното оштетување определен според точка 1 и 2 од оваа глава не може да премине 100%.