Начин на примање на хемотерапијата
Лекарите ја даваат хемотерапијата во циклуси, после периодот на примање на терапијата следи период на одмор и обнова. Хемотерапијата се прима секој прв ден од новиот циклус, а некои лекарства се примаат повеќе дена во низа и е потребен покус престој во болница. По примањето на лекот на телото му се остава време за обнова и закрепнување од несаканите ефекти. Помеѓу две хемотерапии поминува од една до три недели, што зависи од лековите кои ги примате. Со ваков режим хемотерапијата се прима од 3 до 6 месеци.
Хемотерапијските лекови се добиваат во форма на инфузии во крвотокот, орално (преку уста), можат да се аплицираат локално (кај кожните метастази) или да се аплицираат интратекално (кај мозочните метастази). Инфузиите можат да се даваат во периферната вена (браунила – која се вади по аплицирањето на лекот) или преку поткожниот венски катетер (порт – кој се поставува со локална анестезија и останува се до завршување на лекувањето).
Дозите на хемотерапевтските лекови кои пациентот ги добива зависат од телесната тежина и висина но и од општата состојба како на пример вредностите во крвта. Затоа е важно за време на терапијата да се следи телесната тежина и за тоа да се извести онкологот.
За да се ублажат несаканите ефекти (нуспојави) и/или алергијски реакции на лекот, може да се добие премедикација, значи лекови за ублажување на нуспојавите. Исто така пред добивањето на хемотерапијата може да следи преглед од онкологот, вадење крв, ЕКГ или некои други прегледи за да се утврди дали вашето тело е во состојба да ја поднесе хемотерапијата.
Хемотерапијски протоколи во лекувањето на ракот на дојка
Цитостатиците често се комбинираат така да не дојде до преклопување на нуспојавите од двата лека. Комбинацијата има за цел да ја намали можноста за формирање на двојно отпорни клонови и делување врз туморот во различни фази од клеточниот циклус. Освен меѓусебно, постојат и можности за комбинирање на хемотерапијата со останатите облици на онколошко лекување како што е зрачење, имунотерапија и хормонска терапија.
Најчест хемотерапијски протокол за рак на дојка:
CMF: Ciklofosfamid, Metotrexat i 5-Fluorouracil
AC: Doxorubicin (Adriamycin) i Ciklofosfamid
EC: Epirubicin, Ciklofosfamid
TC: Docetaxel (taxotere), Ciklofosfamid
FAC: Ciklofosfamid, Doxorubicin i 5-Fluorouracil
FEC: Ciklofosfamid, Epirubicin i 5-Fluorouracil
TAC: Docetaxel (taxotere), Doxorubicin i Ciklofosfamid
Често применувани цитостатици
Ciklofosfamid – е најчесто користено алкилирачко соединение, спаѓа во групата на азотен иперит. Најважните несакани ефекти се оштетување на функцијата на коскената срж (миелосупресија) и губење на косата и/или влакната по телото (алопеција.
Metotrexat – е најшироко применуван антифолат од групата антиметаболити. Најважното несакано дејство е предизвикување оштетување на функцијата на коскената срж (миелосупресија), воспаление во устата (мукозитис) и ако се користи во поголеми дози, оштетување на бубрезите (нефротоксичност).
5-Fluorouracil – е најчесто применуван флуоропиримидин, исто така од групата антиметаболити. Најизразени несакани последици се воспаление во устата (мукозитис), но и оштетување на целата слузница на дигестивниот тракт и функцијата на коскената срж (миелосупресија).
Doxorubicin (Adriamycin) – се вбројува меѓу антитуморските антибиотици, поточно во антрациклини. Нуспојавите се оштетување на функцијата на коскената срж (миелосупресија), паѓање на косата и влакната по телото (алопеција) и оштетување на срцето (кардиотоксичност).
Epirubicin – e исто како и doxorubicin во групата антрациклини, со слични нуспојави освен што е кардиотоксичноста послабо изразена.
Docetaxel (taxotere) – се вбројува заедно со Паклитакселот во инхибитори митози, поточно во таксани. Најважните нуспојави се оштетување на функцијата на коскената срж (миелосупресија), алергијски реакции, оштетување на периферните нерви (периферна неуропатија), болки во зглобовите и мускулите и паѓање на косата (алопеција).
Cisplatin – е комплекс на платина, значи се вбројува во алкалирачки средства. Најчести нуспојави се оштетување на бубрезите (нефротоксичност), оштетување на функцијата на коскената срж (миелотоксичност), мачнина и повраќааање, токсично дееелување на рецепторите и нервите во внатрешното уво (ототоксичност) и оштетување на нервите (неуротоксичност). Заради силното делување врз бубрезите, се ординира со физиолошки раствор пред и после терапијата и со напомена дома да се пије многу течност.
Vinorelbin – е митотички инхибитор кој се вбројува во винка – алкалоиди. Најзначајна нуспојава на овој лек е оштетување на периферните нерви (периферна неуропатија).
Kadcyla е лек против карцином кој ја содржи активната супстанца trastuzumab emtansin. Се користи за лекување на напреднат метастатски рак на дојка (рак кој се проширил на други делови во телото) кај возрасните кои претходно примале трастузумаб и таксан (вид лек против рак). Може да користи само кога е утврдено дека ракот има прекумерно изразен HER2 маркер: тоа значи дека клетките на ракот на својата површина произведуваат големи количини белковини кои го стимулираат растот на клетките на ракот наречен HER2 (human epidermal growth factor).