РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА

Во повеќето случаи, ракот на грлото на матката е бавно прогредирачка болест. Потребни се години пред преканцерозната лезија да прерасне во рак на грло на матка. Секако тоа може да се случи порано кај некои жени, но во најголем број од случаите потребни се неколку години. Преку редовни и навремени гинеколошки прегледи со изведувањето на ПАП тестот, како и вакцинацијата за ХПВ, ќе се овозможи навремено откривање на абнормалните промени кои настанале на грлото на матката, а со тоа и навремено третирање на настанатите промени.

Што уште треба да знаеш?

 

Симптоми на ракот на грлото на матката

  • Абнормално крварење. Кај жените со рак на грло на матка може да се појави абнормално вагинално крварење. Ова може да биде лесно или тешко крварење во текот на месецот.
  • Невообичаен тежок исцедок. Зголемен вагинален исцедок е исто така симптом на ракот на грло на матка. Може да е со необичен мирис, водлест, густ, или да содржи мукоза. Тоа може да варира кај жените. Доста важно е да се извести докторот за невообичаениот вагинален исцедок.
  • Пелвична болка. Пелвичната болка која не е поврзана со нормалниот ментруален циклус може да преставува симптом на ракот на грло на матка. Жените ја опишуваат во ранг од тапа до остра болка која може да трае и со саати. Може да биде умерена или тешка.
  • Болка при уринарење. Болка во мочниот меур во текот на уринарење може да биде симптом на напредната форма на ракот на грло на матка. Овој симптом обично се јавува кога ракот е во напредна фаза и го зафаќа мочниот меур.
  • Крварење помеѓу редовни менструални циклуси, после сексуален однос, при промивка како и при гинеколошки преглед, може да претставува симптом на ракот на грлото на матката. Тоа е поради иритацијата на цервиксот во текот на изведувањето на овие активности. Иако здравиот цервикс може да има многу мала количина на крварење, многу состојби може да предизвикаат крварење по активности како што е сексот на пример.

 

Доколку ги имаш овие симптоми не значи дека ја имаш и болеста. Сепак , прегледот кај доктор е задолжителен.

Мора да се обрне внимание на фактот дека овие цервикални симптоми се исто така симптоми на многу други заболувања. Доколку се забележат овие симптоми, потребно е да се посети доктор во најскоро време. Докторот ќе изврши гинеколошки преглед и по негова сугестија може да предложи изведување на дополнителни тестови (ПАП тест, ХПВ тест и слично).

 

Ризик фактори кои предизвикуваат рак на грло на матка:

  • Раѓање на голем број деца
  • Голем број на сексуални партнери и некористење на контрацепција (кондом)
  • Имање на партнер кој имал голем број на сексуални партнери
  • Првиот сексуален однос да биде на рана возраст
  • Пушење
  • Употреба на контрацептивни пилули
  • Слаб имун систем
  • Имање на полов однос со необрежени мажи (каде што не е извршена циркумцизија)

 

Што треба да знаеш за ХПВ

ХПВ претставува главниот фактор што го предизвукува ракот на грлото на матката како и преканцерозните состојби. Одбегнување на изложеноста на ХПВ ќе помогне во превенирањето на оваа болест. ХПВ инфекцијата се јавува воглавно кај млади жени, а претставува помалку честа инфекција кај жени на возраст над 30 години. Причината за тоа сеуште не е позната.

Постојат преку 100 различни типови на вирусот, но само неколку од нив се сметаат за високо ризични.

ХПВ тестот е метод за одредување присуство на инфекција, и доколку постои, дали е предизвикана од тип на вирус кој спаѓа во високоризичната група на ХПВ. ХПВ тестот обично се изведува кај жени на возраст над 30, заедно со редовен ПАП тест.

 

Како може да се добие  ХПВ инфекција?

ХПВ се пренесува од кожа на кожа преку вагинален, анален или орален секс со партнер кој е веќе инфициран со ХПВ. Доколку постои инфекција може да се потребни недели, месеци па дури и години за да се појават симптомите или знаците. Постои можност никогаш да не се појават симптоми.

 

Симптоми на ХПВ

Симптомите на ХПВ нормално може да се појават во облик на карфиолести израстци кои се нарекуваат генитални брадавици. Овие брадавици можат да имаат и рамен облик. Можат да се појават во внатрешната или надворешната страна на вагината. Тие може да се  појават недели или години  после половиот однос со инфициран партнер. Дури може и воопшто да не се појават.

 

Како може да дознаам дали имам ХПВ?

Со изведување на ХПВ тест кај одредена особа може да се утврди присуство на ХПВ инфекција. Тестирањето на примерок од цервикалните клетки претставува ефективен начин за да се идентификуваат присутните високоризични типови на ХПВ. FDA (Биро за лекови и хана на САД) има одобрено ХПВ тест кој може да идентификува 13 типови од високо ризичната група на ХПВ, кои се поврзани со развивањето на ракот на грлото на матката. Досега не постои тест кој може да докаже ХПВ инфекција кај маж.

 

ХПВ и ракот на грлото на матката

Имањето на голем број на сексуални партнери е ризик фактор за добивање на ХПВ инфекција. Иако најголем број од ХПВ инфекциите можат да поминат без да предизвикаат одреден тип на абнормалност, инфекција со високо ризичните ХПВ типови ја зголемува шансата за прогресија на умерените абнормалности во посериозна форма на абнормалности како резултат на ракот на грло на матка.

Сепак, од жените кај кои се развиваат абнормални промени на грлото на матката, само мал процент ќе развијат рак на грло на матка. Дали жената ќе развие рак на грло на матка зависи од различните фактори кои делуваат заедно со високо ризичните типови на ХПВ. Факторите можат да го зголемат ризикот за појава на рак на грло на матка кај жени кои веќе се инфицирани со ХПВ вклучувајќи го пушењето како кофактор како и раѓањето на голем број на деца.

 

Кои се високо ризичните типови на ХПВ?

Многу од типовите на ХПВ кои се опасни за здравјето на цервиксот на матката, можат да се идентифицираат со помош на ХПВ тест. Типовите на ХПВ кои најчесто се поврзани со рак на грло на матка се : 16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58, 68, 69, како и некои други.

Симптомите на ракот на грло на  матка често поминуваат незабележително поради тоа што се преклопуваат со симптомите од други заболувања. Многу од жените ги протолкуваат овие симптоми како дел од ПМС или болка во јајници. Сепак многу често, ракот на грло на матка не пројавува симптоми. Кога симптомите се присутни, тие обично не се појавуваат се додека ракот не е во понапредната фаза. Тие може да варираат од жена до жена.

 

Како да се намали ризикот од карцином на грло на матка

  1. Редовни ПАП тестови. ПАП тестот може да биде најдобрата одбрана од карцином на грлото на матката. ПАП тестот може да ги детектира промените во рана фаза, пред тие да напреднат во карцином  на грло на матка. Потребните информации за тоа колку често треба да се изведува ПАП тестот можеш да ги дознаеш од твојот матичен гинеколог.
  2. Ограничување на сексуалните партнери. Студиите покажуваат дека кај жени кои имаат голем број на сексуални партнери, се со зголемен ризик за развој на ХПВ инфекција, која претставува фактор за развој на карцином на грло на матка
  3. Да се прекине пушењето или да се одбегнува пасивното пушење. Пушењето го зголемува ризикот за развој на повеќе типови на канцер, вклучувајќи го и ракот на грло на матка. Пушењето во комбинација со ХПВ инфекцијата може да влијае со  забрзување на дисплазијата на цервикалните клетки. Најдобро е да се прекине со оваа лоша навика
  4. Доколку си сексуално активен, користи кондом. Незаштитениот секс го зголемува ризикот за инфекција со ХИВ како и други СПИ (сексулано преносливи болести), кои што можат да го зголемат ризик факторот за развој на рак на грло на матка
  5. Редовни контроли на абнормалните промени забележани при изведувањето на Пап тестот. Врз основа на одлуката на докторот, доколку постојат абнормални промени, доста важно е редовно да се вршат Пап тестови или пак колоскопија. Доколку е направен третман за цервикална дисплазија, сепак, потребно е редовно изведување на пап тестот или колоскопија. Дисплазијата може да се поврати, и доколку не се забележи да премине во рак на грло на матка
  6. Примена на  ХПВ вакцината. ХПВ вакцината овозможува заштита од двата најчести високоризични ХПВ типови (16 и 18) кои во најголем број на случаи, предизвикуваат рак на грлото на матката. Вакцината е наменета за девојчиња и жени на возраст од 9 до 26 години. Од октомври 2009 година во Р. Македонија, вакцината против ХПВ е воведена како задолжителна вакцина во редовниот календар за вакцинација за девојчиња на 12 годишна возраст. Во исто време, овозможено е и бесплатно вакцинирање на сите девојчиња и жени на возраст од 9-26 години.  ХПВ вакцината е со потврдена ефикасност, имуногеност и добар профил на подносливост и безопасност. Важно е да се напомене дека и вакцинираните девојчиња и жени треба да продолжат со редовни гинеколошки прегледи и одговорно сексуално однесување.