ШТО Е РАК?
Секојдневно клетките во вашето тело се делат, растат и умираат.
Поголем дел од времето клетките се делат и растат на контролиран
начин. Меѓутоа понекогаш клетките растат надвор од контрола. Овој
неконтролиран раст на клетките создава маса или грутка наречена
тумор. Туморите можат да бидат бенигни и малигни.
Бенигни тумори
Бенигните тумори не се канцерогени. Сепак, доколку не се лечат,
некои од нив можат да му наштетат на здравјето, така што често пати
се отстрануваат. Кога овие тумори ќе се отстранат, најчесто, не се
појавуваат повторно. Најважно е да се знае дека клетките на бенигниот
тумор не се шират и не ги напаѓаат соседните клетки.
Малигни тумори
Малигните тумори ги сочинуваат абнормалните клетки. Клетките на
малигните тумори ги напаѓаат соседните клетки и се шират на другите
делови на телото. Малигниот тумор кој се развива во некој орган во
телото се нарекува рак. Доколку се открие во ран стадиум, ракот може
успешно да биде излекуван во 98% од случаите.
РАК НА ДОЈКА
„Месечниот самопреглед на дојките ви одзема само неколку минути и
не чини ништо, но може да го спаси вашиот живот!“
Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жената. Во
Македонија годишно се регистрираат околу 700 новодијагностицирани
пациенти. Најмладата пациентка има 18 години. Од рак на дојка
заболуваат и мажи!
Денес, вашите дојки сигурно изгледаат здраво и тие би можеле да
останат такви во текот на целиот ваш живот. Но, понекогаш, како што
жената старее, може да се случат некои промени кои можат да укажат
на некој проблем. Вие морате да водите грижа за сопственото здравје
и корисно е да научите како да го правите месечниот самопреглед на
дојките. Тоа е најдобар начин да дознаете како вашите дојки изгледаат,
каква е нивната структура, сега додека се здрави. Подоцна, во животот,
доколку се случи некоја промена, вие веднаш ќе ја забележите и ќе
знаете што треба понатаму да превземете.
Ако забележите било кој од овие симптоми на вашите гради, обратете се
кај вашиот лекар:
- Грутка, тврд чвор или задебелување
- Необичен оток, жештина, црвенило или затемнување на ткивото
- Промена на големината или обликот на дојката
- Вдлабнувања или испапчувања на кожата
- Чешање, болка, оток или било каква промена на брадавицата
- Болка на едно место која не варира во текот на менструалниот циклус
Битно е да се напомене дека секоја грутка и секоја промена не значи рак.
Сепак, некои од ретките облици на рак, како на пример воспалителниот
рак на дојка, често се појавува заедно со оток и црвенило на дојката без
пропратни грутки, а понекогаш се меша и со одредена инфекција.
По 40-тата година од животот се препорачува мамографски преглед.